Денеска е Св. Климент Охридски – Чудотворец

За свети Климент Охридски, патронот на нашата Црква, првиот словенски епископ со Дух напоен од Бога, нашиот Старец, молитвеник, духовник, беседник, просветлител, учител… речиси и да немаме конкретни биографски податоци. Не се знае кога е роден, каде се школувал, кои се неговите родители и сл. Изворите молчат, но житијата никогаш немале за цел да ги изнесуваат личните моменти од животот на светителите, туку нивните богоугодни дела, нивните подвизи и жртви.

Со иста таква цел и во спомен на овој голем наш светител и Божји угодник се напишани и овие редови. Се претпоставува дека се родил во периодот од 830 до 840 година. Во Пространото Климентово житие пишува: „тој го познавал неговиот (Методиевиот) живот како никој друг, бидејќи пошол по него од најмлади години и со свои очи ги видел сите дела на својот учител“.

Поради оваа блискост со свети Методиј, најверодостојна и најподдржана е тезата дека тој потекнувал од Македонија, или од Струмичко-брегалничката област каде со словенското кнежество управувал свети Методиј пред да замине во Мала Азија, или од Охрид, или пак, со помала веројатност од Солун. По заминувањето на свети Методиј од светот, со цел „целиот свој живот на Христа Бога да Му го посвети“ во манастирот на Олимп, со него заминале и свети Климент и свети Наум. Се смета дека двајцата таму биле замонашени.

Свети Климент бил богослов, беседник, пастир, мисионер… давал пример со својот живот, со добродетелите, службата, подвизите, творештвото… личност скроена според Евангелието, подобна на Христа, охристовена, вистински проповедник на Христовата вера.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното