Според календарот на МПЦ-ОА, денешниот ден е посветен на споменот на Светите маченици Евстратиј, Аксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест. Овие петмина мажи останале запаметени во христијанската историја како „пет блескави ѕвезди“ во едно од најмрачните времиња на прогон – ерата на царевите Диоклецијан и Максимијан.
Нивната приказна е сведоштво за храброста и солидарноста. Иако имале различни општествени статуси, ги обединила истата вера и подготвеноста за жртва.
Кои биле петтемина маченици?
- Евстратиј: Бил висок римски војвода во градот Саталион, човек со авторитет и моќ.
- Аксентиј: Свештеник кој прв го почуствувал гневот на прогонителите.
- Евгениј: Војнички другар на Евстратиј.
- Орест: Угледен, млад и физички импресивен војник.
- Мардариј: Едноставен граѓанин и земјак на војводата Евстратиј (од градот Аравракин).
Храброста што предизвика верижна реакција
Според преданието, сè започнало кога намесниците Лисиј и Агрикола го мачеле свештеникот Аксентиј. Гледајќи го невиното страдање на свештеникот, војводата Евстратиј не можел да молчи – сам истапил пред судот и јавно признал: „И јас сум христијанин!“.
Овој чин на храброст поттикнал низа признанија. Војникот Евгениј веднаш го следел неговиот пример извикувајќи го истото пред судијата. Кај младиот војник Орест, пак, се случило чудо – додека нишанел за време на воена вежба пред Лисиј, крстот му испаднал од под облеката. Откако бил разоткриен, и тој отворено ја исповедал својата вера.
Маченичка смрт и наследство
Сите петмина завршиле маченички. Аксентиј бил посечен со меч, Евгениј и Мардариј починале од мачење, Орест издивнал на усвитено железо, а војводата Евстратиј бил фрлен во огнена печка.
Пред својата смрт, Евстратиј во затворот бил причестен од Свети Власиј. Неговите мошти подоцна биле пренесени во Цариград, во црква посветена на овие Свети Петточисленици.
Од Свети Евстратиј до денес е зачувана прекрасната молитва која се чита на саботната полуноќница во црквите: „Величаја величају тја, Господи!“ (Тебе, Господи, Те возвеличувам).
