ДЕНЕСКА СЕ СЛАВИ СВ. МАЧЕНИК СЕВАСТИЈАН: Началникот на царската гарда кој преживеа дожд од стрели за Христа

Според православниот календар, денеска (31 декември / 18 декември по стар стил) Црквата го чествува споменот на Светиот маченик Севастијан и неговите сострадалници. Овој светител е познат како голем чудотворец и исцелител кој, иако бил висок царски офицер, животот го положил за христијанската вера.

Свети Севастијан е роден во Италија и воспитан во Милано. Во младоста стапил во војничка служба и благодарение на својата храброст и способност станал миленик на царот Диоклецијан, кој го поставил за началник на својата дворска гарда. Но, под царската униформа се криело христијанско срце – Севастијан тајно го исповедал Христос и се молел на Живиот Бог.

Се вчитува...

Чудотворец кој исцелувал неми и болни

Неговата вера излегла на виделина кога почнал да ги охрабрува прогонетите христијани. Кога двајцата браќа Марко и Маркелин, фрлени во затвор, биле на работ да се откажат од Христа, Севастијан ги утврдил во верата. Се вели дека додека зборувал, лицето му заблескало како на Ангел Божји.

Свети Севастијан направил многу чуда кои довеле до масовни крштевања:

  • Ја исцелил од немост Зоја, сопругата на затворскиот чувар, која не зборувала шест години.
  • Го излекувал Транквилин од тешка подагра и болки во нозете што траеле 11 години.
  • Го исцелил епархот Хроматиј и неговиот син.

Сите овие луѓе, заедно со нивните семејства, ја примиле христијанската вера.

„Стрелаа додека телото не му го прекрија, но тој остана жив“

Поради овие дела, започнал суров прогон. Еден по еден, неговите пријатели биле убиени – Зоја била фрлена во реката Тибар, други биле удавени или убиени со меч.

На крајот, пред царот Диоклецијан бил изведен и самиот Севастијан. Царот го обвинил за предавство, на што светителот одговорил:

„Јас секогаш Го молам мојот Христос за твоето здравје и за мир во Римското царство“.

Разгневениот цар наредил да го стрелаат. Војниците стрелале во него сè додека целото тело не му го прекриле со стрели, така што повеќе не се гледал од нив. Мислејќи дека е мртов, го оставиле. Но, тој се јави потполно жив и здрав, сведочејќи за силата Господова.

Сепак, незнабошците подоцна го фатиле и го убиле со стапови. Свети Севастијан славно пострадал во 287 година, за време на царот Диоклецијан.