На охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ денеска слета првиот авион на компанијата „Визер“ на нововоспоставената линија од Охрид до Малме, шестиот по големина град во Скандинавија. Утре на охридскиот аеродром ќе се реализира и првиот лет на „Визер“ од Милано, така што охридското крајбрежје како наша најатрактивна туристичка дестинација директно ќе биде поврзана со два нови пазари, за потенцијалните туристи од Шведска и Италија, пренесе МИА.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој беше на аеродромот да ги пречека првите 114 патници од Малме, истакна дека воведувањето нови авионски линии се во насока на заложбите на институциите на државата за унапредување и развивање на авиосообраќајот во земјата, зголемување на капацитетот на охридскиот аеродром и промоцијата на охридско-струшкиот регион како атрактивна туристичка дестинација
– Аеродромот во Охрид го промовираме како отворена можност за нискобуџетни авиокомпании што ќе понудат нови дестинации за граѓаните. Линијата Охрид – Малме е дел од договорот со „Визер“ потпишан во јануари оваа година. Овој месец ќе се воведат четири нови дестинации и тоа две од Охрид, за Малме и Милано, а веќе од утре се воведува линијата од Скопје до Баден-Баден, како и онаа за Бремен. „Визер“ најави воведување осум нови линии. Очекувам дека вака поставените политики ќе ги оправдааат нашите очекувања за зголемен број туристи, а воедно и нови европски дестинации за граѓаните, рече Сугарески.