Претседателите на Србија и Северна Македонија, Александар Вучиќ и Стево Пендаровски од денеска се во официјална посета на Париз каде ќе остварат и средби со францускиот претседател Емануел Макрон.
Српскиот претседател на вчерашната средба во Охрид најави посета на францускиот претседател Емануел Макрон на која ќе побара и поддршка за проектот „Мал Шенген“. Вучиќ рече дека со дозвола од премиерот Зоран Заев и албанскиот премиер Еди Рама, истото што ќе го праша Макрон за Србија, ќе го праша и за Македонија и Албанија.
„Утре ќе се видам со претседателот Макрон и со дозвола од Зоран и Еди, ќе го прашам за вас истото она што ќе го прашам за нас“, рече Вучиќ.
Францускиот амбасадор во Македонија, Тимоние денеска рече дека пораката на Макрон е дека секоја соработка меѓу земјите од западен-балкан е за поздравување.
„Секако, тоа беше и пораката на претседател која ја даде во Софија дека секоја соработка во овој регион помеѓу земјите од западен Балкан е добредојдена бидејќи како што гледате денеска соработката до што не донесе, дека тоа има само позитивни плодови и Франција ги поддржува таквиот вид на соработка.“, изјави Тимоние.
Вечерва претседателот Пендаровски ќе присуствува на вечерата во Елисејската палата што ја приредува францускиот претседател Емануел Макрон за шефовите на држави и меѓународни организации кои се дел од Парискиот форум за мир, а утре се очекува да има средба со францускиот претседател.
На 12 ноември претседателот Пендаровски ќе се обрати на форумот осврнувајќи се на регионалната безбедност. Во рамки на Форумот, претседателот Пендаровски ќе оствари средби и со генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш, австриската канцеларка Бригит Биерлејн, како и со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.