При крај е целосна дезинфекција на избирачките места, а сите други подготовки се завршени, изјави за ТВ21 првиот човек на Државната изборна Комисија Оливер Деркоски. Но и гласачите ќе мора да се придржуваат на мерките – да држат растојание од 2 метра, рацете да ги дезинфицираат при влегувањето и излегувањето од гласачкото место а задолжително е и носењето на заштитна маска, за што од ДИК беше направена и симулација на гласањето.
„Државната изборна комисија во овој период обезбеди доволно заштитни средства за здравјето на луѓето, вклучувајќи ги и заштитните маски и ракавиците за избирачките одбори, дезинфекционите средства кои што ги има во доволни количини. И секако секој избирачки одбор ќе има по една количина на маски доколку дојде некој гласач без маска да му даде за да може да го оствари своето право на глас.“, рече Оливер Деркоски.
Поради состојбата со корона вирусот дел од избирачките места во кои не може да се обезбеди доволно простор ќе бидат преместени, некаде во училишните сали, а имаше најави и дека некаде гласањето може да се одвива и надвор.
„На околу 150 избирачки места се изврши одредена промена, меѓутоа не промена на описот на избирачките места туку локациски, во близина на старото избирачко место се утврди нова локација во спортска сала на пример или во некој друг поширок простор или во училиште кое што има соодветни услови за да се организира гласањето.“, вели Деркоски.
Како специфичен ден е гласањето на заболените од Ковид 19 кои се во изолација што ќе се одржи во понеделник и за кој се пријавени 747 лица. Веќе се избрани посебни избирачки одбори во кои ќе има и здравствени работници и претставници на политичките партии.
„Во понеделник тие одбори ќе бидат максимално обезбедени со заштитна опрема, вклучувајќи и комбинезони или скафандери, визири, ракавици, заштитни маски, комплетно и секој одбор ќе ги посети овие пријавени лица за гласање и при завршување на секое гласање кај секое лице ќе изврши промена на соодветната опрема.“, вели Деркоски.
Деркоски деновиве јавно ги повика гласачите да не се плашат за нивната безбедност и да излезат на гласање. Сосема е јасно дека состојбата со корона вирусот влијае на граѓаните, вели тој, но повторно порача дека излегувањето на гласање е побезбедно и од секојдневните посети во маркетите. Гласањето покрај во понеделник, ќе се одвива и во вторник кога своето право ќе го остварат болните и немоќни лица како и оние кои се во затвор и домашен притвор. На 15 јули гласањето ќе почне во 7 часот наутро, а ќе заврши во 21 часот и тој ден ќе биде неработен.
.