Вработени од „Факом“ и „Бетон“ денеска протестираа пред Основниот граѓански суд Скопје, барајќи забрзување на постапките и разрешување на нивниот работен статус и неисплатените примања.
Работниците од „Факом“ велат дека десет месеци се без плата и здравствено осигурување. Пред судот се собраа во очекување да биде отворена стечајна постапка за компанијата, додека за „Бетон“, според изнесените информации на протестот, таква постапка веќе се води.
Еден од вработените во „Факом“ раскажа дека со месеци очекувале продажбата на компанијата да донесе решение, но нивната состојба останала непроменета.
„Раководството се надеваше дека ќе го продадат Факом, но за жал вработените трпеа, бидејќи десет месеци се без плата и без здравствено осигурување. Ние се надевавме дека ќе заврши таа постапка со продажба, но за жал и по десет месеци сè си остана на старо“, рече работникот.
Тој тврди дека компанијата имала работа, посочувајќи го ангажманот за мост во Хрватска, од кој, според неговата проценка, можеле да се обезбедат средства за плати и придонеси за подолг период.
„Ние можеби сме единствената фирма која со работа пропадна“, изјави тој.
Претседателот на СИЈР, Игор Гештаков, рече дека синдикатот и вработените десет месеци се обидуваат да најдат решение. Според него, ова е четврти обид за отворање стечајна постапка за „Факом“, од кој зависат егзистенцијата и примањата на околу 500 вработени.
„Досега судот избегнуваше да ја отвори стечајната постапка за Факом и ние овде дојдовме со цел да направиме притисок, да кажеме во јавноста дека мора овој случај да се реши“, изјави Гештаков.
Тој посочи дека дел од работниците, по три неисплатени плати, престанале да одат на работа, но нивниот работен статус останал нерасчистен. Поради тоа, според него, не можат да ги остварат ниту правата од здравствено осигурување, ниту правата што би им следувале по престанок на работниот однос.
Работниците и синдикатот бараат постапките да се придвижат и да престане неизвесноста во која се наоѓаат со месеци.