Македонија

Дескоска бара да се усогласи законот пред јуни – „Не работам по диктат“, вели Џафери

Власта и опозицијата никако да се договорат околу новиот закон за обвинителство односно за идниот статус на Специјалното јавно обвинителство. Министерката за правда Рената Дескоска во изјава за Тв21 вели дека амандманите кои ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ не се во согласност со тоа што го очекува Европската унија.

„Клучните темели на кои што се темели законот за јавно обвинителство се обезбедување трајност на СЈО како посебен орган во рамките на обвинителскиот систем и  обезбедување на одржливост на предметите кои што ги почнало Специјалното јавно обвинителство. Имајќи ги во предвид ставовите кои што беа изразени во амандманите од страна на ВМРО-ДПМНЕ и чувството на неприфаќање на одредени решенија кои што треба да донесат отворање на преговорите со Европсата унија, практично не можеше да се постигне согласност“, изјави Рената Дескоска – министер за правда.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека единствена нивна заложба преку амандманите е како да се спроведе правда во системот на државава односно од принципите на меѓународните договори во обвинителската сфера а кои сметаат дека треба да бидат дел од законот.

„Не се откажуваме од принципот на почитување на основното човеково право и почитување на човековите права во работата на јавното обвинителство кое што треба да работи во интерес на граѓаните а не во интерес на извршната власт и секако принципот на отчетност, транспарентност, независност, принципот за јавно обвинителство кое што нема да се крие и да се плаши да спроведе било каква истрага во насока на криминалот на актуелната власт“, изјави Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Собранискиот спикер Талат Џафери откако вчера на брифинг со новинарите рече дека дури и да се договорат власта и опозицијата тој нема да ја закаже седницата за изгласување на законот, министерката Дескоска истакна дека ако партиите се договорат за СЈО седница на Собранието мора да има. Џафери денеска на својот фејсбук профил возврати со остра реакција, напиша дека Собранието работи според Деловникот а не по диктат.

„Собранието на Република Северна Македонија работи во согласност со Деловникот, а не врз основа на диктат, а уште помалку според одредени индивидуални претензии, па дури тие да се и на еден министер, кој и да е“, напиша Џафери.

РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни