Балкан

Детали за сообраќајната несреќа на автопатот Гостивар-Тетово, еден загина и четворица се повредени

Поради брзина над дозволената, во сообраќајната несреќа што се случи кај наплатната рампа на автопатот Гостивар-Тетово животот го загуби 51-годишна жена од Кичево, а повредени се четворица други. Несреќата се случи утрово во 6 часот и 45 минути. Очевидците раскажуваат како дошло до немилиот настан.

„Во раните утрински часови во 6 часот и 43 минути две возила, првото Туарег со дебарски таблички, со четворица патници, ја направи редовната наплата на патарината. По него наиде другото возило „мерцедес“ со охридски таблички, но од Кичево, но брзината го направи своето и ја предизвика оваа несреќа со фатални последици. Според нашите камери на наплатната рампа, брзината била преголема“, изјави Берзах Бејтулаху – одговорен на наплатната рампа Гостивар – Тетово.

Поради штетата која била предизвикана од силниот удар, повредените биле извадени од возилата со помош на пожарникари.

„Со нашата специјална хидраулична опрема ја исековме вратата, го изнесовме возачот, но за жал веќе имаше починато. Меѓутоа, треба да се нагласи дека за време на несреќата можело да се случи уште поголема трагедија, бидејќи во мерцедесот избувна пожар. Употребивме противпожарни апарати и за среќа успеавме да го изгаснеме“, изјави Ука Алити – командир на противпожарна единица – Тетово.

Детали за фаталната несреќа дадоа и од СВР Тетово.

Четворицата повредени, кои се надвор од животна опасност се хоспитализирани во Клиничката болница во Тетово.

„Во нашиот оддел се донесени четворица пациенти и сите се сместени на нашиот оддел. По испитувањата констатирано е дека имаат телесни повредни, но се надвор од животна опасност. Сега лежат и им се укажува потребната медицинска нега“, изјави Илбер Бесими – дежурен лекар.

Веднаш по несреќата, увид на местото извршил и јавен обвинител, со цел расветлување на случајот. Безживотното тело на 51-годишната кичевчанка е испратено на обдукција.

РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни