Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска изјави дека законите кои не беа потпишани од претседателот Ѓорѓе Иванов, а биле донесени со двотретинско мнозиство, ќе се сметаат за донесени. Останатите ќе бидат вратени во собраниска процедура.
-Обврска на Собранието е да ги донесе законите, и моја обврска е во соодветно време, поточно по донесувањето да ги потпишам пропратните писма и делот во указот каде е предвиден мој потпис. За законите што не се донесени со двотретинско мнозинство, претседателот на државата во рок од седум дена треба да се изјасни дали ќе ги потпише или не. За законите донесени со двотретинско мнозинство претседателот е должен веднаш да ги потпише указите. И во првиот и во вториот случај претседателот ги вратил законите со објаснување дека тој го штити Уставот. Во оваа ситуација законите донесени со двотретинско мнозиство не можат да се вратат во собраниска процедура и се сметаат за донесени. Другите закони, должен сум во рок од 30 дена повторно да ги вратам во собраниска процедура, да ги ставам на седница и тоа од мене ќе биде испочитувано“, рече Џафери.