Бугарскиот европратеник и лидер на бугарската ВМРО, Ангел Џамбаски продолжува со непријателскиот став кон Македонија, реагирајќи на коментарот на македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, според кого, отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети” во Охрид е провокација, која оди на штета на бугарската заедница во државава.
-За последен пат, Цар Борис III обединител е симбол на ослободувањето и единството на Бугарите. Ова господине Османи не е провокација, туку факт. Годините на лаги и пропаганда на Коминтерната не можат да ја променат историјата. И тоа покажува дека бугарските чети биле пречекани како ослободители со цвеќиња и бугарски песни. Иван Михаилов, кој го мразат сите Македонци, вели: ‘Кога во 1941 година се отворија бугарските училишта во Македонија, никаде немаше бунт и не се бараа други училишта’. Крајно време е политичарите крај Вардар да сфатат дека нивниот страв од колапс на лагата не ја оправдува омразата и репресијата кон Бугарите. Југославија се распадна, време е да се урне нејзиниот последен бастион – македонизмот“, напиша Џамбаски на Фејсбук.