Експлозијата во Полска можеби не била предизвикана од проектилот истрелан од Русија. Ова го соопшти американскиот претседател Џо Бајден по вонредната средба на светските лидери Г-20 на Бали поради експлозијата во Полска .
Две лица загинаа откако ракета погоди село во источна Полска, во близина на границата со Украина. Русија негира дека е виновна за инцидентот.
„Има прелиминарни информации кои го оспоруваат ова. Не сакам да зборувам додека немаме целосна истрага, но малку е веројатно, врз основа на траекторијата, проектилот да е лансиран од Русија. Но, ќе видиме“, рече Бајден.
САД и земјите од НАТО ќе спроведат целосна истрага пред да преземат акција , рече тој.
На вонредниот состанок присуствуваа лидерите на САД, Германија, Канада, Холандија, Јапонија, Шпанија, Италија, Франција и Обединетото Кралство.
Ако Русија биде обвинета за експлозијата, може да се активира принципот на НАТО за колективна одбрана, познат како член 5. Според тој член, нападот врз една членка на западната алијанса се смета за напад врз сите.
Полска побара активирање на член 4 од договорот за НАТО, што значи одржување консултации со сојузниците.