Од 20 до 25 октомври во просториите на Diamond Mall е отворена Зона за донации, каде што сите посетители што сакаат да се вклучат во хуманитарните активности што трговскиот центар ги организира по повод својот втор роденден, можат да остават храна и опрема за бездомните животни. Собраните донации се наменети за поддршка на активностите на јавното претпријатие „Лајка“.
Собирањето храна за бездомните животни за кои се грижи „Лајка“ е цел и на големиот хуманитарен роденденски концерт што ќе се одржи на 26 октомври во атриумот на Diamond Mall. На концертот ќе настапат врвните музички имиња Тамара Тодевска, Лозано, Викторија Лоба, како и музичката легенда Драган Мијалковски како специјален гостин. Забавата и уживањето во изведбите на овие македонски ѕвезди се споени со придонесот кон хумана цел, при што сите што ќе присуствуваат на овој славенички концерт во Diamond Mall, наместо влезница ќе треба да донираат најмалку еден килограм храна за кучиња.
Diamond Mall е активен член на заедницата и посветено работи на иницирање активности со кои ќе придонесе за подигнување на јавната свест за општествени прашања од јавен интерес. Во таа насока роденденската прослава со која се обележуваат две години од работењето на трговскиот центар, е насочена кон конкретна акција преку партнерството со „Лајка“, за да се унапреди грижата за бездомните животни во Скопје.
Прославата на роденденот вклучува и дополнителни активности чија главна цел е грижа за животните, како што се Саемот за храна за миленици, кој се одржува од 24 до 26 октомври, каде што посетителите можат да добијат совети за правилна исхрана на кучињата, како и бесплатни консултации од ветеринари. Во центарот е поставен и Ѕид за вдомување, со фотографии на кучиња кои чекаат нов дом, а во периодот од 24 до 26 октомври, од 17.30 до 19.30 часот, во молот ќе бидат присутни дел од кучињата кои бараат дом и сите љубители на кучиња, особено оние што бараат миленик и имаат намера да вдомат куче, ќе можат непосредно да ги запознаат. Ќе се одржи и креативна работилница со бојадисување куќички за кучиња, кои потоа ќе ѝ бидат донирани на „Лајка“.
Сите собрани донации во голема мерка ќе му помогнат на јавно претпријатие „Лајка“ во секојдневната грижа за кучињата што привремено ги згрижува. Со оваа акција трговскиот центар ја потврдува својата определба за одговорност и поддршка на заедницата, особено во делот на поттикнување на хуманиот третман и грижата за бездомните животни.