Диди се огласи на социјалните мрежи за прв пат по неговото апсење

Музичкиот магнат Шон Диди Комбс се појави на социјалните мрежи за прв пат по неговото апсење. На неговиот Инстаграм профил е објавена фотографија од неговата ќерка Лав Шон, на која и го честитал роденденот.

„Среќен роденден! Тато те сака“, напиша тој.

Инаку, раперот е татко на седум деца, кои ги имал со четири жени. Тој ги има синовите Квинси (33), Џастин (30), Кристијан (26) и ќерката Шанс (18), близначките Д’Лила и Џеси (17) и најмладата ќерка Лав Шон (2), која ја доби со манекенката Дејна Тран.

Нови обвинувања

Да потсетиме, Диди е уапсен во Њујорк и е во притвор и се соочува со обвинувања дека сексуално напаѓал жени и ги терал да учествуваат во секс забави и да користат дрога користејќи закани и насилство. Во понеделникот, две жени и четворица мажи поднесоа серија нови тужби против Диди пред федералниот суд во Њујорк.

Обвиненијата опфаќаат настани што наводно се случиле од 1995 до 2021 година. Еден од тужителите изјавил дека имал 16 години кога присуствувал на една од забавите на Диди и тврди дека Комбс за време на разговорот одеднаш му наредил да се соблече.

Адвокатите на раперот ги отфрлија обвинувањата. Тие изјавија дека „Диди никогаш не злоставувал никого сексуално – ниту возрасни, ниту малолетници, ниту мажи, ниту жени“.