Државната изборна комисија (ДИК) најави дека утре ќе ги објави целосните и конечни резултати од првиот круг на локалните избори одржани на 19 октомври, по завршувањето на сите постапки пред Управниот суд. Одлуката беше донесена на денешната 150. седница на Комисијата, на која претседателот Борис Кондарко истакна дека резултатите ќе бидат објавени по затворањето на сите судски процеси поврзани со поднесените тужби и приговори.
„Планиравме денеска да ги објавиме конечните резултати, но поради тоа што Управниот суд сè уште одржува рочишта по неколку предмети, ќе почекаме до нивното завршување. Утре ќе одржиме продолжение на седницата и ќе објавиме комплетен преглед на резултатите за сите општини, вклучително и каде што ќе има втор круг“, изјави Кондарко.
На седницата, членовите на ДИК донесоа одлука за разрешување на членовите на избирачките одбори на две избирачки места во Општина Шуто Оризари, поради пропусти во спроведувањето на изборната постапка. Управниот суд претходно го поништи гласањето на овие избирачки места – едното за избор на градоначалник, а другото за избор на советници.
„Со цел обезбедување законитост и транспарентност, ДИК ќе назначи нови избирачки одбори составени од членови на други општински изборни комисии кои успешно го спровеле гласањето. Оваа одлука е дел од нашата заложба за заштита на изборниот процес и спречување на какви било нерегуларности“, нагласи Кондарко, додавајќи дека доколку постојат индиции за евентуална одговорност, документацијата ќе биде доставена до надлежните органи.
На седницата беше соопштено и дека досега се акредитирани вкупно 1.565 набљудувачи, од кои 94 домашни и 651 меѓународен набљудувач, како и 14 странски новинари. Дополнително, ДИК одобри уште шест набљудувачи за Европскиот парламент и 97 за Здружението „Вејк ап“ – Скопје.
Комисијата усвои и одлука за исплата на авансни средства во висина од 8.000 денари по рута за вработените ангажирани во транспортот на доверливиот изборен материјал за биометриска идентификација.
Во врска со приговорите, до ДИК биле поднесени вкупно девет приговори за лично избирачко право, од кои три се одбиени како неосновани, а шест се прифатени по извршената проверка.