ДИК ги соопшти официјалните резултати од вториот круг на локалните избори

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 155. седница ги објави официјалните резултати од вториот круг на Локалните избори 2025 година за избор на градоначалници во 29 општини и Град Скопје. За трите општини – Брвеница, Карпош и Шуто Оризари, сè уште не се објавени конечни резултати поради поднесени приговори, кои ќе бидат разгледани на јавна седница на ДИК денеска во 14 часот.

Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, истакна дека со денешната одлука завршува процесот на гласање во најголемиот дел од општините. Тој потврди дека Орце Ѓорѓиевски од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ е избран за градоначалник на Град Скопје.

Меѓу избраните градоначалници се:

Дејан Митевски (Аеродром), Ѓоко Камчев (Валандово), Митко Костадиновски (Виница), Наталија Димитриева (Демир Капија), Златко Силјановски (Дебарца), Илија Тентов (Дојран), Ванчо Митев (Зрновци, СДСМ), Александар Јовановски (Кичево), Владко Грозданов (Кочани), Нико Чоневски (Крушево), Бошко Цветковски (Лозово), Жарко Ристевски (Македонски Брод), Драганчо Сабатковски (Могила), Марија Нацева (Неготино), Тони Тоневски (Пробиштип), Даниел Павловски (Ранковце), Ѓорѓи Крстевски (Росоман), Јорданче Костадинов (Чешиново-Облешево), Зоран Бајовски (Чучер-Сандево) – сите од коалицијата „Твоја Македонија“.

Од другите политички субјекти:

Максим Димитриевски (ЗНАМ) во Куманово,

Соња Стаменкова (СДСМ) во Македонска Каменица,

Менди Ќура (група избирачи) во Струга,

Ејуп Абази (НАИ) во Студеничани,

Биљал Касами (ВРЕДИ) во Тетово.

Кондарко информираше дека до Комисијата се поднесени вкупно 16 приговори за текот на гласањето во трите општини каде што резултатите се уште не се потврдени.

– „ДИК ќе постапи по сите приговори во законскиот рок. Денеска, во 14 часот, ќе се одржи јавна седница на која ќе се разгледаат сите доставени приговори“, рече Кондарко.

Тој додаде дека се поднесени и три приговори за гласањето за Советот на Општина Шуто Оризари, каде што на 2 ноември се одржа прегласување на три избирачки места.

– „Објавувањето на конечните резултати за Советот на Општина Шуто Оризари ќе следи по завршување на постапката по приговорите и евентуалните тужби до Управниот суд“, истакна Кондарко.

На крајот на седницата, членовите на ДИК донесоа заклучок до Општинските изборни комисии во 29-те општини и Град Скопје да ги објават конечните резултати од вториот круг на локалните избори, со што официјално завршува изборниот процес во овие општини.