Димитриеска-Кочоска: Економијата стабилна, соработката со ММФ се засилува

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оствари средба со извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Јерон Клик, на која беа разгледани актуелните економски состојби и предизвиците со кои се соочува земјата.

На состанокот било оценето дека, и покрај неизвесностите на глобално ниво, домашната економија останува стабилна, а институциите се целосно посветени на зачувување на макроекономската стабилност.

Посебен акцент бил ставен на продлабочувањето на соработката меѓу Министерството за финансии и Меѓународниот монетарен фонд, особено во делот на техничката и експертската поддршка. Според министерката, ваквата соработка ќе овозможи креирање поквалитетни економски политики и дополнително зајакнување на институционалните капацитети.

Димитриеска-Кочоска потенцирала дека Владата останува фокусирана на внимателно и одговорно управување со јавните финансии, со цел да се обезбеди сигурност, стабилност и предвидливост за граѓаните и бизнис секторот.