Македонија

Димитров се сретна со министерката за европски прашања на Франција

Денеска, министерот за надворешни работи Никола Димитров, оствари средба со Натали Лoазо, министерка за европски прашања на Француската Република, која престојува во прва работна посета на Република Северна Македонија.

Заблагодарувајќи се за посетата, МНР Димитров понуди пресек за направеното во клучните реформски области.

„Иако ни претстои уште многу работа, знаеме точно каде се движиме и цврсто сме решени да направиме се’ што е во наши раце нашата татковина да стане вистинска и просперитетна европска демократија.“, изјави шефот на дипломатијата.

„Силна Франција значи уште посилна Европа. Ние се стремиме да станеме дел токму од една таква Европа и, во рамки на нашите можности, ќе продолжиме да даваме конструктивен придонес на овие процеси во Регионот и пошироко.“, рече Димитров.

Министерката Лоазо го нагласи значењето на Преспанскиот Договор како клучно регионално и европско постигнување и позитивен сигнал за европската иднина на Регионот. Притоа, министерката Лоазо подвлече дека Франција со голем интерес го следи напредокот на Северна Македонија и увери дека поддршката за домашните реформски процеси, посебно во клучните области, ќе продолжи и понатаму.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни