Еден од најистакнатите македонски пијанисти, Дино Имери, утре (13 јуни) ќе настапи во Виена – светската престолнина на класичната музика. На програмата е ремек-делото на Јохан Себастијан Бах – „Голдберг варијации“, дело познато по својата музичка и интерпретативна длабочина, кое ретко се изведува на концертните сцени ширум Европа.
Концертот ќе се одржи во престижниот „Бехштајн Центрум“, во организација на Амбасадата на Република Македонија во Австрија, со поддршка од Македонско-австрискиот бизнис клуб и компанијата SSB Infrastructure-Austria.
Дино Имери премиерно го изведе ова монументално дело во Скопје, како дел од фестивалот „Недела на Бах“, каде што наиде на исклучително позитивен прием од страна на публиката и стручната јавност. Само мал број пијанисти во светот се одлучуваат да го стават ова дело во својот репертоар, токму поради неговата техничка и уметничка сложеност.
„Настап во Виена е сон на секој уметник. Особено ми е чест да ги изведам ‘Голдберг варијациите’ – едно од најмонументалните дела на класичната литература, на сцена пред публика која секојдневно слуша врвни уметници и програми. Работев на ова дело повеќе од пет години. Искрено им се заблагодарувам на Н.Е. г-дин Освит Росоклија и на поддржувачите на концертот – без нив оваа реализација немаше да биде можна“, изјави Имери пред настапот.
Концертот е со слободен влез и отворен за сите љубители на класичната музика.