Осомничените Сабахудин Рустеми, директор на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, и Аки Саити, раководител во истото претпријатие од Сарај, се задржани во полициската станица Газибаба, соопштија од обвинителството за Телма. Тие се во полициско задржување во рокот од 24 часа, додека се подготвува кривичната пријава.
По поднесувањето на кривичната пријава, официјално ќе се отвори истрага, во рамките на која обвинителството може да предложи мерки за обезбедување на присуство на осомничените, доколку тоа биде оценето како потребно.
Рустеми и Саити беа приведени вчера поради сомневања за несобирање на отпадот во Скопје. Од Обвинителството потврдуваат дека се работи за сомнежи за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик.
Истрагата започна откако подолг период во Градот Скопје не се собираше сметот, што доведе до воведување на посебни мерки од страна на здравствените власти.