Директорот на СЗО: Нова пандемија е неизбежна, мора да бидеме подготвени

Порано или подоцна ќе се случи нова пандемија и тоа не е теоретски ризик, туку епидемиолошка сигурност, изјави генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус.

Говорејќи на отворањето на 13-та седница на Меѓувладиното преговарачко тело (ИГНБ), кое подготвува договор за превенција од пандемии, тој потсети на ужасните последици од избувнувањето на Ковид-19 во светот, нагласувајќи дека „следната пандемија нема да чека“.

„Може да избие нова пандемија за 20 или повеќе години, а можеби дури и утре. Но, тоа ќе се случи и во секој случај мора да бидеме подготвени“, рече тој и потсети дека според официјалните податоци, од Ковид-19 починале околу 7 милиони луѓе, но се проценува дека реалната бројка е 20 милиони.

Тедрос изрази уверување во можноста за постигнување консензус во преговорите за договорот за пандемијата.

„Таков договор во никој случај нема да го наруши суверенитетот на која било земја членка на СЗО, туку напротив, ќе го зајакне националниот суверенитет и меѓународната акција“, рече тој.

Тој истакна дека верува оти земјите-членки се „подготвени да креираат историја“ и побара „да не се отфрлаат три и пол години разговори и да се постигне договор во борбата против пандемијата“.

Тој побара од 194 земји да го направат договорот против пандемијата симбол на можноста меѓународната заедница да се здружи и покрај многуте сегашни поделби.

„И запомнете дека големите епидемии, како што е еболата, моментално се случуваат низ целиот свет. Пандемијата може да убие повеќе луѓе и да предизвика поголеми економски нарушувања отколку војната“, рече Тедрос.

Земјите-членки веќе го продолжија рокот за една година за постигнување договор и си дадоа рок до Светското собрание во мај во Женева да го сторат тоа.

Но, поделбите остануваат значајни за одредени прашања, вклучувајќи прашања за интелектуална сопственост, размена на информации за патогени или унифициран пристап кон здравјето на луѓето, другите животински видови и животната средина, пишува швајцарскиот портал.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното