Обидот на екипите на Град Скопје да постават метална ограда и да го затворат неофицијалниот пешачки премин кај Бит-пазар беше прекинат откако на терен се собраа граѓани кои со жив ѕид го блокираа пристапот и спречија интервенција.
Според очевидци, поголема група жители од Чаир и околните населби реагирале бурно на одлуката преминот да се затвори, инсистирајќи дека истиот се користи секојдневно и е неопходен за нивното движење.
Поради тоа, работите биле стопирани, а граѓаните не дозволиле поставување на заштитната ограда.
Градоначалникот на Скопје претходно најави дека просторот ќе биде трајно затворен, образложувајќи дека станува збор за нелегален и небезбеден премин преку коловозот.
Тој истакна дека и покрај иницијативите од дел од жителите за негово регулирање, ставот на Градот е дека преминот мора да биде затворен од безбедносни причини.
Во текот на случувањата, протестот прераснал во блокада на булеварот „Крсте Петков Мисирков“, при што сообраќајот бил повремено целосно во прекин. На терен имало засилено полициско присуство, додека дел од граѓаните продолжиле да се спротивставуваат на интервенцијата.
На само неколку десетици метри од локацијата постои натпатник кој со години не е во функција. Според претходни најави, Градот планира тој да биде ставен во употреба, но неговата моментална состојба е неисправна, вклучително и нефункционални лифтови.
Засега, неофицијалниот премин останува отворен, а граѓаните и понатаму ја преминуваат улицата на сопствен ризик, и покрај интензивниот сообраќај.