Македонија

ДНК на осомничениот 25-годишен убиец во кумановско се совпаѓа со трагите најдени кај последната жртва

ДНК на осомничениот 25-годишен убиец во кумановско се совпаѓа со трагите најдени кај последната жртва

Во тек е сеопфатна истрага за серија тешки кривични дела во кумановско, по апсењето на 25-годишен осомничен од селото Драгоманце во општина Старо Нагоричане. Според информациите што ги објави Телма, истражните органи анализираат повеќе докази, меѓу кои и материјали од социјални мрежи.

Телма информира дека до профилот на осомничениот на платформата ТикТок биле пронајдени објави на кои, како што се наведува, се потврдуваат дел од претходно објавените податоци – дека станува збор за 25-годишник кој се занимавал со чување овци и живеел во Драгоманце. На профилот, според истото известување, има и видеа и фотографии од неговиот приватен живот.

Последното видео е објавено на 9 февруари, еден ден пред да биде пронајдена 78-годишната Мира С. од Старо Нагоричане, за која Обвинителството утврдува временска рамка на смртта меѓу 29 јануари и 10 февруари. Осомничениот е уапсен и се наоѓа во притвор.

Според Телма, во периодот на истрагата тој бил активен на социјалната мрежа, со објави речиси секојдневно. Извори од истрагата за Телма тврдат дека ДНК-анализите од местото на настанот се совпаѓаат со примероците од осомничениот. Официјално, институциите не откриваат дополнителни детали.

Од Основно јавно обвинителство Куманово соопштуваат дека се обезбедени и се прибираат голем број докази, се вршат распити и ќе следи психијатриска проценка на осомничениот од тим експерти. Во моментов, како што наведуваат, вештиот наод од обдукцијата на ексхумираното тело сè уште не е доставен до јавниот обвинител.

Според неофицијалните информации што ги објави Телма, се проверуваат повеќе случаи поврзани со починати повозрасни жени и еден обид за убиство. Сите настани, според тие информации, се случиле од летото минатата година до апсењето на осомничениот. Надлежните институции продолжуваат со активности за целосно расчистување на случаите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни