Последните рокови се ближат, но до Државната изборна комисија се уште никој не поднел кандидатура за претстојните претседателски избори. Од ДИК велат дека ги очекуваат кандидатурите во текот на идната недела и од оние кои имаат поддршка од политичка партија, но и за оние кои ги собираат потребните 10 илјади потписи.
-Рокот за собирање потписи истекува на 9 март додека пак рокот за поднесување листи на кандидати до Државната изборна комисија истекува на 21 март во 24 часот. До овој момент до Државната изборна комисија не се поднесени листи на кандидати. Кандидатите за претседател или се поддржани од 30 пратеници или пак од 10 илјади потписи од граѓани-рече Гугучевска.
Засега е извесно дека во претседателската трка влегуваат Стево Пендаровски како кандидат на владејачкото мнозинство и Гордана Силјановска Давкова кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидатура најави и професорот Блерим Река. Зад него застанаа Алијансата на Албанците и Беса, но двете партии ги немаат потребните 30 пратеници, па ќе мора да собере 10 илјади потписи за кандидатурата да биде официјализирана.
Според премиерот Зоран Заев кандидатурата на Пендаровски ги обединува сите етникуми. Со коментар се јави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој рече дека Пендаровски е дел од „заевизмот“.
-Застануваме сите позади Стево Пендаровски, натпартиски, европски, граѓански – пријател и претседател на сите и за сите граѓани на Република Северна Македонија. Стево е човек кој одамна донесе одлука да влече напред, не назад! Ги избра граѓаните – рече премиерот Заев.
-Јас сум убеден во граѓаните на Република Македонија, Тоа се храбри честити луѓе кои што на 21 апри ќе му го зададат првиот посериозен удар на „заевизмот“ а потоа веќе на првите предвремени парламентарни избори и конечниот удар ќе му биде зададен на „заевизмот“. Пендаровски претставува лик кој што е дел повторно од тоа множество на „заевизмот“ Не очекувавме нешто поразлично да се случи – изјави Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Еден од оние кои најавуваа дека ќе поднесе кандидатура за претседателските избори беше и Амди Бајрам, но тој синоќа застана зад кандидатура на Пендаровски и рече дека се повлекува и нема да се кандидира.
РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА