Првачињата, учениците од второ и трето оделение ќе седанат во училишните клупи, а пак другите ќе следат онлајн настава од дома. Ова е предлогот на Комисијата за заразни болести кој треба да го одобри Владата. Сепак родителите се загрижени за здравјето на нивните деца, едни се за физичко присуство, а пак други за следење на онлајн настава. Драги Змијанац од детската амбасада „Меѓаши“ во емисијата ЕУ Клик изјави дека ситуацијата со корона вирусот негативно влијаела врз психофизичкиот развој на децата.
„Забелешуваме негативни промени во психичкиот развој кај децата. Осаменост, отуѓеност, депресија. Секако тука недостига воспотната компонента бидејќи образованието не е само образование туку потребна е и воспитната компонента која многу тешко може да се изведува преку далечинско учење. Недостига физичкиот контакт на спихо-социјално педагошките служби во непосредна работа со децата“, вели Драги Змијанац.
Од друга страна, претседателот на СОНК Јаким Неделков вели дека воопшто не биле консултирани за донесување на протоколите во училиштата и отпочнување на учебната година.
„Со жалење можам да кажам ние како релевантен претставник на наставниците односно на вработените во училиштата не сме вклучени во комисија или работна група или организација која што би дале совет како најлесно да се спроведат препораките на Министерството за здравство односно на Министерството за образование“, посочи Јоаким Неделков.
Учебната година нема да почне на први септември бидејќи за физичко присуство во училиштата ќе бидат неопходни законски измени а се уште нема Собрание.
.
