Додека маглата ги приземји авионите, М-НАВ во акција: Успешно отстранет стариот радар на скопскиот аеродром

Македонска навигација (М-НАВ) го искористи периодот на густа магла и намалена фреквенција на летови за да заврши значаен инфраструктурен зафат. Денеска успешно се финализирани градежните работи за целосно отстранување на старата радарска станица на Меѓународниот Аеродром Скопје.

Од М-НАВ информираат дека активностите се спроведени токму во услови на намалена прегледност, претворајќи го неповолното време во предност.

„Овој период беше оптимално искористен за комплетно и безбедно приведување кон крај на зафатите, без никакво влијание врз динамиката на воздушните операции“, велат од компанијата.

Со оваа фаза и официјално се комплетира процесот на демонтажа на стариот и нефункционален радар. Ова расчистување на теренот е неопходен чекор што го отвора патот за следната голема инвестиција – поставување на нова, модерна радарска опрема.

Од М-НАВ порачуваат дека продолжуваат со својата посветеност кон безбедноста на воздушниот сообраќај и навременото извршување на планираните задачи за модернизација на системот.