Долгогодишен фудбалски судија ја убил својата поранешна девојка во Мостар

Во Мостар, долгодишниот фудбалски судија А.К. (33) ја убил својата поранешна девојка А.Ј. (32), јавуваат медиумите во Босна и Херцеговина. Жртвата била убиена на Плоштадот „Иван Крндељ“, додека престојувала во Мостар поради работа.

Според реконструкцијата на настанот, напаѓачот ја следел девојката од автобуската станица. Кога А.Ј. влегла во угостителски објект во обид да се сокрие, тој ја пронашол во тоалетот и ја застрелал. По злосторството, осомничениот се обидел да изврши самоубиство, но пиштолот се заглавил.

Министерството за внатрешни работи на Херцеговачко-неретванскиот кантон (ХНК) соопшти дека осомничениот не поседува регистрирано оружје, ниту поднел барање за оружје. Претходно, во јануари, бил пријавен од друго лице за загрозување на безбедноста, а против него е поднесено обвинение.

На прес-конференција, министерот за внатрешни работи на ХНК, Марио Мариќ, ја презентираше хронологијата на настанот:

„На 16 ноември околу 17:55 часот добивме пријава дека поранешното момче ја брка со пиштол во рака. Полицијата веднаш интервенираше, но инцидентот веќе беше извршен. Осомничениот беше врзан и ставен под контрола“, изјави Мариќ, додавајќи дека немало официјални пријави од жртвата до Министерството за внатрешни работи.

Началникот на секторот за криминалистичка полиција, Мирза Рожајац, потврди дека претходно е регистрирана пријава против осомничениот, но дека во моментот на убиството не постоеле пријави од А.Ј.

Дежурната обвинителка на Обвинителството на ХНК, Весна Прањиќ, посочи дека жртвата не ги пријавила претходните закани, веројатно мислејќи дека се само за заплашување.

На терен, станот и околината каде се случил инцидентот биле обезбедени, а истрагата е во тек.