Американскиот Конгрес денеска официјално ја потврди победата на Доналд Трамп на претседателските избори одржани на 5 ноември 2024 година.
Најавата дека победата на Доналд Трамп е официјално потврдена ја прочита потпретседателката на САД Камала Харис, противкандидатката на Трамп на претседателските избори. Читањето на бројот на изборни гласови помина „непречено и без приговори“, пренесе Си-Ен-Ен.
Потврдата на изборните резултати во понеделникот, во кои беа вклучени сите 50 држави и округот Колумбија, беше спроведена за време на кратка, формална церемонија на заедничката седница на Претставничкиот дом и Сенатот. Со седницата претседаваше Харис, која во улога на потпретседател на САД ја извршуваше функцијата претседател на Сенатот.
Американскиот потпретседател Камала Харис ги објави резултатите од гласањето, наведувајќи дека новоизбраниот претседател Доналд Трамп добил 312 гласа, додека таа самата 226 гласа.
Нејзините најави предизвикаа громогласен аплауз во салата. Кога ја прогласи победата на Трамп, благо се насмевна додека републиканците се кренаа на нозе и ја поздравија победата со овации.
Инаугурацијата на Доналд Трамп ќе се одржи на 20 јануари во Вашингтон, соопшти Белата куќа.