Киро Гоцевски од делчевското село Истевник донираше 200 литри магарешко млеко за повредените во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Одлуката ја донел со цел да помогне во заздравувањето, бидејќи магарешкото млеко се смета за природен антибиотик поради високото ниво на ензими и неговото делотворно дејство врз бактериолошки инфекции.
– Млекото бронхитисот го лечи целосно, како да го немало. Има луѓе и од Кочани што купуваа пред 2 години за детето, потоа го носеле во Германија на испитување, како никогаш да не боледувало од бронхит. Луѓето даваат по аптеките, по антибиотици, по сирупи многу повеќе пари, а овоа е навистина здраво за пиење и нема штетна особина, изјави Киро Гоцевски, сопственик на фарма на магарици за телевизија Сител.
Тој е повратник од Швајцарија и пред 6 години одлучил да направи фарма за магарици.
– Ми дојде идеа, бидејќи имам читано за магарешкото млеко, за неговата лековитост решив да чувам магарици. Имам свој имот, детелина и кога се вратив од Швајцарија купив едно 40- 55 магарици, додаде Гоцевски
Инаку магарешкото млеко содржи 60 пати повеќе витамин Ц од кравјото млеко, а на пазарот се продава по речиси 50 пати повисока цена, односно за 3100 денари за литар.