Македонија

Донација од 5 илјади книги на албански јазик во село Кишава

5000 илјади книги и лектири на албански јазик доби училиштето во селото Кишава. Учениците и наставниците среќни што конечно ќе имаат литература и ќе може без проблем да работат по програмата на Министерството за образование.

„Многу беше тешко, кога пред четири години јас дојдов тука да го посетам ова училиште, тогаш наидов на доста наставници кои што навистина немаа доволно книги и лектири кои беа потребно согласно план и програмата на Министерството за образование“, рече Сибела Алимовска од Здружението „22 ноември“.

Ова е само едно од училиштата за кои проблемот со литература на албански јазик е решен. Тука недостига и литература на македонски јазик.

„Има и други села, како што е случајот со Острец, Меџитлија, Жабени. Нема доволно книги и е многу жалосно кога ќе слушнеш од еден наставник како бара, поднесува барање за соодветните книги, а истовремено никој не го исполнува позитивно барањето“, изјави Алимовска.

Библиотеката е подготвена, книги има, но директорот вели дека сега е потребен библиотекар.

„Бидејќи сега имаме технички опремена библиотека и опремена со книги, апел до Министерството да ни одобри вработување на библиотекар“, изјави Пипилевски, директор на О.У. „Крсте Петков – Мисирков“ од с. Кишава.

Додава дека време е да се започне со инвестиции во образованието.

„Има проблеми, како што гледате сите училишта во Македонија се извесни години запуштени од технички и секаков аспект. Потребна ни е дограма, технички услови итн. Време е да се почне да се вложува во училиштата. Да се обрни поголемо внимание бидејќи сепак нашите најмали заслужуваат да ги имаат услови“, изјави Пипилевски.

Централното училиште брои 420 ученици кои посетуваат настава на македонски и албански јазик и има 15 подрачни училишта. Донацијата на книги ја реализираа Издавачката куќа “Логос-А”, издавачката куќа “Шкупи” и невладината организација “22 Ноември” по повод 7 март – Денот на наставниците.

РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни