​„ДОСТА Е, ЌЕ ВЕ ТУЖАМ!“: Заев со жесток демант до ВМРО-ДПМНЕ – негира поврзаност со канабисот и облакодерите во Дубаи

Поранешниот премиер Зоран Заев ја прекина својата медиумска тишина и упати ултиматум до владејачката ВМРО-ДПМНЕ и пратеникот Бране Петрушевски. Тој бара итно јавно извинување за, како што вели, континуираните лаги и конструкции, во спротивно најавува тужба за клевета.

​Заев, кој потсетува дека веќе пет години е надвор од политиката, реагира на обвинувањата дека е вмешан во случајот со запленетиот медицински канабис поради несоодветно складирање.

Се вчитува...

​„Безобразна лага е дека сум вртел во Царина“

​Експремиерот категорично ги отфрла наводите дека интервенирал во институциите за случајот со марихуаната.

​„Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа“, дециден е Заев.

​Облакодери во Дубаи и болницата „Жан Митрев“

​Покрај актуелниот случај, Заев ги наброја и другите обвинувања кои кружат во јавноста откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, нарекувајќи ги „одвратни лаги“. Тој негира дека гради 40-катници во Дубаи или дека врши притисок за преземање на приватни болници.

​„Без никаква срам… ги повторуваат лагите дека градам некакви облакодери од 40 ката во Дубаи, дека вршам притисок за купување на болницата на д-р Жан Митрев, дека се мешам во работата на правосудните и други институции“, стои во реакцијата.

​„Никому не се одмаздив за 27 април, но сега е доста“

​Заев потсети дека и покрај настаните од „Крвавиот четврток“, тој не барал одмазда и досега избегнувал тужби, борејќи се за слобода на говорот. Сепак, вели дека трпението му е при крај.

​„Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието, никогаш не сум ја злоупотребил политичката позиција, но сега е доста! Ќе се борам со сите правни средства да ја симнам оваа дамка од моето име“, порача Заев.