Австриската полиција соопшти детали за инцидент во кој 20-годишен Бугарин вчера попладне се појавил гол до половина на пистата на аеродромот во Инсбрук, непосредно пред полетувањето на патнички авион, пренесе австриската новинска агенција АПА.
Младиот маж покажал агресија кон полицајците за време на неговото приведување. Потоа бил пренесен со брза помош во болница во Инсбрук. По случајот е информирано обвинителството, кое води истрага за „намерно загрозување на безбедноста во авијацијата“ и „обид за отпор против државните власти“, јавува БТА.
Мажот успеал да ги прескокне оградите и се затрчал кон авион на холандската нискобуџетна авиокомпанија „Трансавиа“, кој штотуку излегол на пистата, подготвувајќи се за полетување. Бугаринот бил запрен од службеници на аеродромот, а потоа бил уапсен од полицијата. Портпаролка на аеродромот изјави дека неговите постапки не довеле до откажување на редовниот лет и дека авионот полетал за Ајндховен со 11 минути доцнење.
Лекарите кои го прегледале Бугаринот изјавиле дека тој се наоѓал во „невообичаена психичка состојба“.