Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја вечерва соопшти дека е изгубен секаков контакт со приватен авион кој летал на релација Анкара – Триполи. Во леталото се наоѓал генералот Мохамед Али Ахмед Ал-Хадад, началник на Генералштабот на либиската војска.
Авионот од типот Фалкон 50 полетал од аеродромот Есенбога во Анкара точно во 20:10 часот по локално време. Според официјалните податоци, комуникацијата со екипажот била прекината по помалку од еден час лет, поточно во 20:52 часот.
Министерот Јерликаја појасни дека непосредно пред прекинот на сигналот, пилотите испратиле порака за итно слетување. Како последна локација на авионот се наведува областа Хајмана, која се наоѓа јужно од турската престолнина. По првичниот сигнал за помош, контролата на летање не успеала да воспостави понатамошен контакт.
Во авионот со регистрација 9H-DFJ се наоѓале вкупно пет патници. Покрај високата воена делегација од Либија, судбината на останатите членови на екипажот и патниците засега е непозната.
Турските власти веднаш активираа спасувачки екипи и започнаа интензивна потрага во реонот на Хајмана. Официјална Анкара будно ја следи состојбата и е во постојан контакт со либиските воени и дипломатски претставници во очекување на нови информации од терен.