Драматична порака на Зеленски: Русија не смее да профитира од војната

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска од Буча, три години по рускиот масакр врз цивили, порача дека „достоинствен мир“ за Украина подразбира Русија да не смее да има никаква корист од војната, ниту да избегне одговорност за злосторствата што ги извршила.

„Во Буча денеска реков дека сите сакаме оваа војна да заврши што е можно побрзо, со загарантирана безбедност, траен мир и достоинство. Што значи достоинство? Дека Русија не смее да профитира од оваа војна и дека мора да одговара за она што го направи“, напиша Зеленски на платформата X.

Тој порача дека токму во Буча, пред три години, светот почна да се соочува со размерите на руската агресија: „Светот тогаш ги виде цивилите убиени на улиците, доказите за злоставување и тортура. Се виде дека ова не е само војна меѓу две држави, туку судир на два система – нашиот, европскиот, во кој животот и достоинството значат нешто, и рускиот, во кој луѓето може да се убиваат, злоставуваат и исфрлаат од своите домови.“

Зеленски наведе дека злосторствата како оние во Буча не биле изолирани случаи, туку дел од образецот на руската окупација низ Украина – од селото Јахидне во Черниговската област, каде што руските војници држеле жителите затворени во училишен подрум повеќе од три недели, до разрушениот Мариупол.

„Се памети секое такво место. Сите гледаат што се случи со Бахмут, Авдијивка, Вухледар… градови кои практично повеќе не постојат, затоа што така изгледа доаѓањето на руските знамиња“, рече тој.

Особено ја истакна симболиката на гробовите: „Еден од најсилните симболи на рускиот систем и оваа војна против Украина се гробовите – гробови на обични луѓе во дворовите на нивните домови. Ова никогаш не смее да се заборави.“

Зеленски тврди дека се документирани повеќе од 183.000 злосторства поврзани со руската агресија, а украинските власти сè уште немаат пристап до значителен дел од окупираната територија. Меѓу документираните случаи се егзекуции на воени заробеници и цивили, силувања и тортура.

„Нема да ги простиме овие злосторства, бидејќи тоа би значело дека го прифаќаме постоењето на систем како денешна Русија, која живее на сметка на другите народи“, напиша тој.

Ги повика меѓународните партнери да продолжат да ја поддржуваат украинската одбрана, борбата за вистината, санкциите против Русија и создавањето услови за вистинска правда.

„Буча не е само ‘некое место таму во Украина’ – ова може да му се случи на која било европска земја доколку сегашната единствена можност Русија да одговара за агресијата биде пропуштена“, заклучи тој.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното