Поднесени се и првите кривични пријави за ширење на лажни вести во време на пандемијата предизвиката од коронавирусот.
Ова, Министерството за внатрешни работи го најави на 11-ти март, а министерот Наќе Чулев вели дека постапуваат по претставки на граѓани, но и самостојно.
„Некогаш ни треба време доколку се работи за социјални мрежи, да го утврдиме вистинскиот идентитет на сторителот и тоа го правиме со барање најчесто до Твитер или Фејсбук и тоа е процедура на добивање на одговор“, истакна Наќе Чулев.
Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност вели дека по изборите ќе треба да се преземат мерки за справување со лажните вести.
„Многу сериозно треба да го дефинираме препознавањето на лажните вести и јас затоа реков дека имаме сериозна работа по изборите, затоа што од една страна водејќи ја битката против лажните вести, не смееме да си дозволиме да загрозиме некое право, право од аспект на слободата на говор и изразвување што е неприкосновено“, посочи Роберт Поповски.
Како помош за справување со кризата, медиумите ќе бидат ослободени од придонеси за вработените со исполнување на неколку услови:
• ДА ГИ ВРАТАТ ПЛАТИТЕ НА НИВОТО ОД ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА
• ДА НЕ ОТПУШТИЛЕ НИТУ ЕДЕН РАБОТНИК ПОРАДИ КРИЗАТА
• МЕДИУМИТЕ ДА ИМААТ НАЈМАЛКУ ТРОЈЦА ПОСТОЈАНО ВРАБОТЕНИ РАБОТНИЦИ
„Веќе подолго време предупредувам дека сме загрозени од лажните вести и наменската пропаганда која најсилно ја чувствуваме токму во справување со предизвиците од пандемијата Ковид 19. Во борбата со лажните вести најпрво е потребно да им се даде поддршка на оние кои ги пренесуваат точните вести“, посочи Бујар Османи.
За условите и мерките, Владата донела заклучок по претходни консултации со самостојниот синдикат на новинарите и медиумски работници.
.