Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски не чекаше пратениците да гласаат за негово разрешување. Непосредно пред почетокот на денешната 76-та седница, закажана за 11:00 часот, тој до Собранието поднесе неотповиклива оставка, односно барање за престанок на функцијата по сопствена иницијатива.
Со овој потег, Коцевски практично ја претрка собраниската дебата на која требаше да се расправа по Предлогот на Владата за негово разрешување поради наводни професионални грешки.
„Барам Собранието да ја констатира мојата одлука“
Во дописот доставен до законодавниот дом, Коцевски се повикува на Законот за јавно обвинителство, барајќи неговото заминување да се евидентира како повлекување, а не како смена.
„За ден 16.12.2025 година со почеток во 11 часот закажана е седумдесет и шестата седница… на која е предвидено да се разгледува Предлогот за мое разрешување. Ве известувам дека во смисла на член 86 став 1 алинеа 1 од Законот за јавно обвинителство, до Собранието поднесувам барање за престанок на функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија“, пишува во дописот на Коцевски.
Што значи ова процедурално?
Наместо жестока дебата за работата на Обвинителството, сега се очекува постапката да биде скратена.
Коцевски побара Собранието, согласно член 86 став 2 од истиот Закон, на денешната седница само да го утврди престанокот на неговата функција. Со ова, тој заминува од функцијата сам, избегнувајќи го политичкиот и професионалниот товар на формално „разрешување“ од страна на пратениците.
Кој е Љупчо Коцевски?
авниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски е роден на 01.08.1960 година во Тетово.
Дипломира на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 1992 година, а во 1994 година положил правосуден испит.
Од 1995 до 2008 година работел како адвокат во Тетово. Во обвинителството е од 05.11.2008 година, кога е избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Гостивар. Во текот на обвинителската кариера, Коцевски бил член на Управниот одбор и на Комисијата за полагање завршен испит на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, член на Извршниот одбор на Здружението на јавните обвинители, како и член на работни групи за подготовка на повеќе закони.
На 18.01.2022 година Советот на јавните обвинители го избра за јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Во републичкото јавно обвинителство е раководител на Одделението за мета податоци и мерки за следење на комуникациите и претседател на Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција.
Собранието на Република Северна Македонија на 13.02.2024 година го именуваше Коцевски за Јавен обвинител на Република Северна Македонија.
