ДСЗИ ја затвори кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов“ 

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ја затвори кујната во Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае, откако голем број ученици се пожалиле на стомачни болки. Инспекторатот нареди вонредно чистење, здравствени прегледи на вработените и земање мостри од работните површини. Од Институтот за јавно здравје најавија дека првичните информации за причината за стомачните проблеми кај децата ќе бидат познати утре.

Директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов изјави дека кујната е затворена како потенцијален извор на зараза, а издадено е решение за забрана за работа. Во решението се наложени мерки кои треба да ги спроведе операторот – вонредно чистење, дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена институција, како и спроведување вонредни здравствено-хигиенски мерки за вработените.

„ДСЗИ спроведува вонреден координиран инспекциски надзор по добиеното известување од одделението за епидемиологија на ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје за појава на стомачни тегоби кај ученици, согласно Националниот протокол за постапување во случај на алиментарни инфекции и интоксикации“, изјави Лазов.

Тој додаде дека надзорот се спроведува во соработка со Агенцијата за храна и ветерина, Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, појасни дека во училиштето се земени многу мостри кои се обработуваат и во текот на вечерта. Таа најави дека првичните информации за причината за стомачните проблеми кај децата ќе бидат достапни утре.

Според досегашните информации, девет ученици пријавиле влошена здравствена состојба со стомачни тегоби, а околу 80 деца отсуствувале од настава. Неколку деца поради дехидрација и стомачни проблеми биле хоспитализирани. До моментот не се пријавени симптоми кај вработените во училиштето.

Андоновска додаде дека екипа од техничар и епидемиолог од ИЈЗ постапувала во училиштето по сомнеж за труење. Земени се брисеви од раце, нос и грло на вработени во училишната кујна, мостри од работните површини, како и од храна и вода. Постојано постапуваат и екипи на ДСЗИ и Агенцијата за храна и ветерина.