Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагира на, како што велат, загрижувачката состојба во Централниот регистар, каде што од вкупно 40 реализирани унапредувања, ниту едно не било доделено на припадник од албанската заедница.
Од партијата оценуваат дека ваквата ситуација претставува сериозно прекршување на принципот на правична и соодветна застапеност, кој е еден од темелите на функционирањето на институциите во државата.
„Фактот дека во една јавна институција се реализирани 40 унапредувања, а ниту еден Албанец не е унапреден, јасно укажува дека застапеноста повеќе не е правило, туку исклучок“, посочуваат од ДУИ.
Партијата упати критики и кон коалицијата ВЛЕН, која е дел од власта, оценувајќи дека има директна одговорност за ваквата состојба. Според ДУИ, наместо да ги штитат правата на Албанците, владејачките претставници остануваат пасивни.
Воедно, од партијата бараат итно објаснување за критериумите и процедурите според кои се реализирани унапредувањата, како и конкретни мерки за обезбедување правична и еднаква застапеност во институциите.
„Албанците не смеат да бидат третирани како невидливи во државните институции“, порачуваат од ДУИ.
