Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска одржа прес конференција на која информираше за мерките кои ги донесе министерството за економија и труд со цел заштита на стандардот на граѓаните.
„Министерството за економија и труд и Владата континуирано носат мерки и креираат политики со цел заштита на стандардот на граѓаните, намалување на цените на основните прехранбени производи и стабилизација на инфлацијата.
На почетокот на оваа недела Собранието на предлог на група пратеници ги
изгласа измените на Законот за заштита на потрошувачите.
Со овие измени трговците, почнувајќи од средината на април ќе имаат
задолжителна обврска да ги објават цените на сите производи на своите интернет страници.
Законот кој очекуваме деновиве да биде објавен во Службен весник предвидува во рок од 45 дена од денот на влегувањето на сила на истиот трговците на своите веб страни да ги објават цените на сите производи кои ги продаваат во своите продавници.
Во наредните 10 дена ќе бидат објавени и правилниците кои ќе пропишуваат на кој начин ќе се објавуваат цените од страна на трговците.
Со овие законски измени очекуваме поголема транспарентност на цените во маркетите, подобрена конкуретност и намалување на цените.
Граѓаните сега ќе можат да одберат каде ќе ги трошат нивните пари, ќе знаат за секој производ во кој маркет по која цена се продава еден ист производ.
Ваквата мерка ќе донесе до зголемување на конкурентноста помеѓу трговците, и намалување на цените на производите. Потрошувачите ќе бидат целосно информирани за тоа кој производ колку чини кај кој трговец.
Овој закон се однесува на мали, средни и големи трговци, со што е исклучуваат микротрговците и трговците поединци, односно маалските дуќани.
Оваа закоснка измена следи откако минатата недела Владата по предлог на Министерството за економија и труд донесе одлука за ограничување на маржите на 102 групи на основни прехранбени производи и средства за хигена и ограничување на цените на 8 групи на најосновни прехранбени производи.
Како што и претходно информиравме овие две мерки се веќе на сила и ќе траат заклучно со 30 април, односно ќе бидат опфатени и двата празника, Рамазан и Велигден.
Да потсетам, со одлуката за ограничување на бруто профитната маржа во
трговија на големо и мало мало на 102 групи на производи или над 1000
перехранбени и непрехранбени производи се опфатени: 5% бруто профитна маржа на основите 8 прехранбени производи млеко,леб, брашно (тип 400 и тип 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко) 10% бруто профитна маржа на прехранбени производи каде опфаќа група од 55 прехранби производи (месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервирани зеленчук и овошје, грав, ориз, тестенини)
15% бруто профитна маржа на 39 прехранбени производи и средства за хигена свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и друго
Државниот пазарен инспекторат е на терен и инспекторите постапувата по
одлуката дали маркетите ги усогласиле своите цени на полиците.
До крајот на оваа недела е предвидено да се направи надзор на над 1000
трговски објекти низ државата по што Државниот пазарен инспекторат ќе излезе со податоци за евентуално непочитување на истата од страна на одредени маркети.
Казните се движат од 500 до 10.000 евра па и до затварање на маркетите во траење од 15 дена.Очекувањата се дека цените ќе се намалат во просек околу 10%, со што ќе влијаеме на стабилизирање на инфлацијата и заштита на стандардот на граѓаните“, изјави Дурмиши.