Мерките за стабилизирање на пазарот даваат видливи резултати и спречуваат ценовни шокови кај граѓаните, истакна министерот за економија, Бесар Дурмиши, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието. Според него, навремената реакција со намалување на ДДВ за нафтата од 18 на 10 проценти и засилениот надзор на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) се клучните фактори кои ја држат инфлацијата под контрола во последните два месеци. Дурмиши информираше дека 30 мобилни тимови се постојано на терен за да спречат неосновано профитирање од страна на трговците и производителите.
Сепак, ваквите тврдења наидоа на остра критика од опозицијата. Пратеникот Оливер Спасовски ја обвини власта дека користи само „генерални флоскули“ кои не соодветствуваат со реалната состојба во продавниците. Тој посочи конкретни примери за енормно поскапување на основните прехранбени производи, како зејтинот, месото, млекото и јајцата, во период од само една недела. Спасовски директно го демантираше министерот и во делот на енергенсите, посочувајќи дека цената на дизелот во земјава е веќе повисока отколку во некои земји од регионот и пошироко, како што е Словенија.
Иако министерот Дурмиши призна дека ситуацијата не е идеална поради големата увозна зависност на македонската економија, тој остана на ставот дека економските текови се стабилизирани. Од друга страна, опозицијата смета дека институциите ги игнорираат секојдневните поскапувања со кои се соочуваат граѓаните, барајќи поконкретни и поефикасни чекори за заштита на животниот стандард.