Свет

Два дена до изборите: Камала Харис и Доналд Трамп во тесна трка во седум сојузни држави

Два дена до изборите: Камала Харис и Доналд Трамп во тесна трка во седум сојузни држави

Два дена пред претседателските избори во САД, анкетата спроведена од Њујорк тајмс и колеџот Сиена открива дека демократската кандидатка Камала Харис и републиканецот Доналд Трамп продолжуваат да се натпреваруваат во исклучително тесна трка во седум клучни сојузни држави, кои можат да одлучат за исходот на изборот на 47-миот американски претседател.

Според анкетата, Харис има благо водство во Невада, Северна Каролина и Висконсин, додека Трамп води во Аризона. Двајцата се многу изедначени во Мичиген, Џорџија и Пенсилванија и водат „мртва трка“.

Во анкетата учествувале 7.879 гласачи во споменатите седум држави, а таа била спроведена во периодот од 24 октомври до 2 ноември. Во сите седум држави, маргината на грешка е 3,5 проценти.

Околу 40 отсто од испитаниците веќе гласале и Харис води меѓу таа група со 8 процентни поени, додека Трамп води во групата гласачи кои се изјасниле дека ќе гласаат, но не го направиле тоа порано.

Тесната трка во Пенсилванија покажува дека Трамп расте во држава во која Харис водеше со четири процентни поени во сите анкети на Њујорк Тајмс до неодамна. И двајцата кандидати викендов одржуваат митинзи во клучните сојузни држави.

Харис ја продолжува својата кампања во недела во Мичиген, додека нејзиниот републикански ривал Доналд Трамп ќе ги помине последните денови пред изборите, за кои би можеле да одлучуваат многу мал дел од гласачите, во три клучни држави на истокот од земјата – Пенсилванија, Северна Каролина и Џорџија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни