„Два града – иста болка“: Родители на деца кои загинаа во пожарот во Пулс со порака за настраданите во Кран Монтана

Со запалени свеќи и во тивка атмосфера попладнево во Кочани се одржа мирен собир под мотото „Два града – иста болка“, во знак на сочувство за жртвите од трагедијата во Кран Монтана.

На собирот присуствуваа и родители на децата кои загинаа во пожарот во „Пулс“, кои испратија порака дека длабоко ја разбираат болката, загубата и празнината што ја остава една ваква трагедија.

Се вчитува...

„Ве молиме за тишина. Вечерва сме собрани во 16:40 часот, симболично – поради 40-те животи што згаснаа во пожарот во Кранс-Монтана, Швајцарија. Пред да започнеме, дозволете ни искрено да им се заблагодариме на сите што вечерва се со нас и што одвоија време да ја споделат оваа тишина. Посебна благодарност до претставничката на Амбасадата на Швајцарија, првиот секретар г-ѓа Кармен Тенисен, до претставниците на CPCA Малинска, како и до сите присутни кои со своето присуство покажуваат човечка солидарност и почит. Ова е тивка и достоинствена почит. Ве молиме да останеме во тишина за време на целиот настан“, рекоа присутните на собирот.

Во пожарот во Кран-Монтана загинаа 40 млади луѓе, додека во пожарот во Кочани, за време на настапот на групата ДНК, животите ги загубија 63 лица.