Двајца млади скопјани на возраст од 23 и 24 години се уапсени ноќеска поради сомнение дека подметнале пожар во кој изгореа три возила на паркингот кај Спортскиот центар „Јане Сандански“ во општина Аеродром. Брзата полициска акција резултираше со нивно приведување на булеварот „АСНОМ“.
Според информациите од МВР, пожарот бил пријавен во 02:20 часот по полноќ. Огнената стихија зафатила два товарни возила, „ивеко“ и „рено“, во сопственост на правно лице од Скопје, како и патничко возило „опел“ со прилепски регистарски ознаки, сопственост на Е.С. од Прилеп.
На терен веднаш интервенирала екипа на Бригадата за противпожарна заштита од Скопје, која успеала да го изгасне пожарот за половина час, во 02:50 часот.
По пријавата, полициски службеници од Полициската станица Аеродром и Единицата за интервентна полиција презеле мерки и активности, по што на булеварот „АСНОМ“ ги пронашле и ги лишиле од слобода осомничените Ф.Ц. (23) и И.Ц. (24) од Скопје. Двајцата се задржани во полициска станица за понатамошна постапка и целосно расчистување на случајот.