Две години условно за Мерко за незаконско назначување директори во училиштата

Струшкиот градоначалник Рамис Мерко доби две години условна казна за незаконско назначување на директор во училиштето „Зини Хани“ во Велешта и парична глоба од 2.500 евра за исто дело поврзано со училиштето „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Исто така, две години условно беше изречено и за Егзона Шеи, која ја извршувала функцијата в.д. директор со фалсификувани документи. Судечкиот судија Јордан Јованов појасни дека доколку во рок од две години го повтори делото, Шеи ќе мора да отслужи една година ефективен затвор.

„Во исправите постојат елементи на кривично дело ‘употреба на исправа со невистинита содржина’. Егзона, која засновала работен однос како апсолвент, работела четири години како приправник, а веднаш по дипломирањето била назначена за в.д. директор. Стручен испит за наставник полагала во текот на третиот мандат“, истакна судијата.

Тој додаде дека обвинетата се товареше за фалсификување на три документи – уверение за приправнички стаж, потврда за работно искуство и мислење од Наставничкиот совет, со кои се тврдело дека ги исполнува условите за директор.

„Со оглед на тоа што делата се сторени под исти околности и со поврзани дејствија, на сите им се изрече иста санкција – условна казна, која нема да се изврши доколку во рок од две години не сторaт ново кривично дело“, појасни Јованов.

Јавниот обвинител Џемал Лога и одбраната на Мерко, Игор Петкоски, изјавија дека се незадоволни од пресудата и најавија жалба.

Мерко доби ослободителна пресуда за набавката на луксузниот „Ауди“ вреден 67.000 евра, како и парична казна од 10.000 евра за незаконско поставување директори во други основни училишта.

Судењето против него продолжува во други предмети, вклучувајќи поставување спомен обележје на Општинската зграда и договор за осветлување на дел од реката Црн Дрим. Градоначалникот се наоѓа и на „црната листа“ на САД поради сомневање за корупција.