По руските гранатирања, две третини од Киев сè уште е без електрична енергија. Европскиот парламент апелира да ѝ се донираат генератори на Украина. Претседателот Зеленски побара Советот за безбедност на ОН да дејствува против Москва поради воздушните напади врз цивилната инфраструктура.
„Поради варварските терористички напади на Путин врз цивилната инфраструктура, украинскиот народ мора да се соочи со зимата без струја, вода и затоплување. Работиме напорно да ја погодиме Русија каде што ќе ја боли. Работиме со полна брзина на деветтиот пакет санкции“, изјави претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен.
Сите нуклеарни централи кои сè уште се под контрола на Украина се исклучени од електричната мрежа. Русија пак обвинува дека украинската војска гранатирала цели околу нуклеарната централа Запорожје.
„Русија прави се за да го реши безбедносниот проблем околу нуклеарната централа Запорожје што е можно побрзо, имајќи го предвид новото засилено гранатирање од страна на украинските вооружени сили“, изјави Сергеј Рјабков-Заменик-министер за надворешни работи на Русија.
Од СЗО за Европа велат дека има сериозно кршење на меѓународното право, откако најмалку 700 медицински установи биле гранатирани во Украина од почетокот на инвазијата.
„Зимата ќе биде закана за милиони жители на Украина. Наскоро температурата ќе падне на минус 20. Болниците не може да функционираат без струја, породилиштата без инкубатори, складиштата без вакцини, без фрижидери“, изјави Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
Во меѓувреме, Москва и Киев разменија затвореници, заробени уште во првите денови од војната.