Нема договор со ВМРО-ДПМНЕ, но власта ќе се обиде да најде заеднички јазик и поддршка од Движењето Беса за законот за јавно обвинителство, односно СЈО. Пратеникот Фадиљ Зендели вели дека Беса останува на ставот – ќе го поддржат СЈО, но под услов да не работи селективно и да продолжи да ги користи сите прислушувани материјали како докази.
„Доколку власта навистина сака Специјалното обвинителство институционално да се реализира, тогаш зошто ние да не обезбедиме 2/3 од гласовите и да му дадеме целосен капацитет на ова обвинителство за да продолжи со својата работа, но користејќи го и прислушуваниот материјал како доказ во своите постапки. Сега имаме волја, ајде да собереме 2/3 гласови и да ѝ дадеме целосен капацитет на работата на оваа институција, да го зајакнеме СЈО и да дадеме гаранција дека имам доверба во оваа институција и нејзината работа“, изјави Фадиљ Зендели – движење Беса.
Владата е во очекување на конкретни предлози во вид на амандмани околу предлог-законот за Јавното обвинителство. Но, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека не се повлекуваат од принципите кои ги ставија на маса.
И од СДСМ остануваат на претходниот став, додека оптимизмот за постигнување договор со ВМРО-ДПМНЕ е минимален.
Предлог-законот за СЈО предвидува овој ова обвинителство да функционира како независно.
Предвидено е „бомбите“ да се обработуваат најдоцна до 15-ти септември 2020 година, но истите како доказен материјал да се користат само за оние предмети за кои е покренато обвинение пред 30-ти јуни 2017 година.
Според предлог-законот, специјалната обвинителка, Катица Јанева може да остане на чело на СЈО уште една година откако законот ќе стапи на сила, додека опозицијата пак, бара Јанева заедно со својот тим да си замине од функцијата.
РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ