Администрацијата и правосудството денеска и утре нема да работат од 10 до 12 часот.
Причина за прекинот на работата се барањата за исплата на минимална плата и линеарно зголемување на останатите плати за 2.806 денари.
Според најавите на Синдикатот на управата, правосудството и здруженија на граѓани (УПОЗ), ќе се протестира во сите оние институции каде имаат синдикални организации, како што се министерства, агенции, фондови, управи и судови.
„Ќе има прекин на работата. Известени се и Владата и министерства, сите работодавачи. Ги замолувам граѓаните на трпение, не е многу, два часа се, меѓутоа тие два часа можат да пораснат и да бидат осум часа прекин“, рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски на прес-конференцијата во вторникот.
Од Синдикатот велат дека во 95 проценти од институциите не се исплаќа минимална плата, а во останатите пет проценти, дел не ја подготвуваат минималната плата, а дел што веќе ја исплатиле направиле грешки и исплатиле само минимална плата без вклучен стаж.
Досега не добиле покана од Владата за преговори, а притисокот од членството е голем и се бара прекинот на работата да продолжи.
И Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), кој е грански синдикат на Конфедерацијата на слободни синдикати, најавува штрајк за в понеделник со барање веднаш да се зголемат платите за 18,4 проценти и потоа да се бара системско решение за усогласување на останатите плати.
Синдикатот веќе двапати се сретна со претставници на Владата, но досега нема никаков договор.