Европскиот шампион во борење, во категоријата до 48 килограми, Бесир Алили, имаше прием во Агенцијата за млади и спорт. Алили заедно со колегите од тимот и тренерот на боречкиот клуб „Лирија“ се сретнаа со директорот Дарко Каевски. Шампионот вети дека ќе донесе и други медали од олимписките игри.
„Им благодарам на медиумите за дадениот простор. Се надевам дека ќе донесам и медали од олимписките игри. Верувам дека за мене ова е само почеток, треба да тренирам уште многу, тоа е важно за мене“, изјави Бесир Алили – европски шампион.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, во текот на средбата со Алили истакна дека спортот е нашиот најдостоинствен амбасадор. Агенцијата за млади и спорт на Алили му додели награда од еден милион денари.
Тренерот на Бесир Алили, Суфјан Исмаили, вели дека можеле да освојат и други медали.
Борачот Бесир Алили во петок ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, а следните денови и со претседателот Стево Пендаровски. Алили вчера, откако пристигна во Скопје со минибус, беше пречекан на Плоштад Скендербег.
РЕПОРТЕР: ВАЉМИРА ЗЕНДЕЛИ