Помина една година, речиси во секое годишно време беше ветувано, но патот кој води до болницата „Козле“ сѐ уште не е реконструиран. Ветување имаше од првиот човек на Карпош, Стефан Богоев, но и од директорот на ЈП „Улици и патишта“, Сенад Смаиловиќ, меѓутоа градежните работи никако да започнат.
ТВ21 уште еднаш ги праша општината и Јавното претпријатие – дали планираат за брзо време да ја реконструираат улицата „Загребска“. Градоначалникот на Карпош, ни рече да се обратиме до Јавното претпријатие, додавајќи дека општината го завршила својот дел од обврската.
Од ЈП „Улици и патишта“, ни рекоа одговор да побараме од Секторот за просторно и урбанистичко планирање при Град Скопје, од каде пак ни посочија дека работата ќе започне во март 2020 година, бидејќи во моментов, како што велат, не дозволуваат временските услови.
Во Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, дневно на контрола доаѓаат околу 100 деца од цела Македонија. Веќе четири години како е изградена болницата, а улицата која е долга околу 500 метри е во ваква состојба. Токму поради ваквата состојба на улицата, до ТВ21 пристигнаа бројни жалби од граѓани кои ги носат нивните деца на лекување во оваа болница, особено во зимскиот период.