Ретка слика во градскиот совет – власта и опозицијата без ниту еден глас „против“ го изгласаа Буџетот на Град Скопје за 2026 година. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека ова е буџет на „финансиска консолидација“ и засилен инвестициски циклус, тежок вкупно 5,2 милијарди денари.
Основниот буџет изнесува точно 5.201.600.000 денари, што е зголемување за 12,04% во однос на годинава. Според Ѓорѓиевски, растот се должи на драстично подобрената наплата во последниот месец и пол, но и на „отоплувањето“ на односите со централната власт.
„Обезбедени се 260 милиони денари преку спогодба со Министерството за образование и Владата за студентски превоз за заостанатите години – обврска за која претходната влада немаше слух“, истакна градоначалникот.
Каде ќе се трошат парите?
Дури 34,4% од буџетот (1,78 милијарди денари) се наменети за капитални инвестиции. Еве ги клучните проекти:
1. Инфраструктура и сообраќај
Фокусот е ставен на завршување на заглавените проекти и отворање нови булевари:
- Реконструкција и изградба на булеварите: „Македонија“, „Љубљанска“, „Борис Трајковски“, АСНОМ и „Цветан Димов“.
- Довршување на клучката кај Момин Поток (по решена експропријација).
- Изградба на кружен тек во Ѓорче Петров.
- Пробивање на улицата „Македонско-косовска бригада“ и булеварот „Февруарски поход“ со мост.
- Уредување на хаосот со паркирањето кај Матка.
2. Рекордни пари за ЈСП и комуналните претпријатија
За да се спречи колапс на јавниот превоз, предвидени се рекордни 920 милиони денари субвенции за ЈСП „Скопје“. Средства ќе добијат и „Комунална хигиена“ (нови камиони и контејнери), „Паркови и зеленило“, „Дрисла“, „Лајка“ и „Улици и патишта“.
3. Лунапарк во 2027
Еден од најдолго очекуваните проекти, градскиот Лунапарк, добива финансиска инекција, а Ѓорѓиевски постави и нов рок за финализација – 2027 година.
4. Образование: Униформи за првачињата во средно
Буџетот за образование е зголемен за 7,5%. Новитет е што за првпат Град Скопје ќе обезбеди бесплатни униформи за сите ученици од прва година средно образование. Дополнително, 68 милиони денари вишок од блок-дотациите ќе се пренаменат за изградба на ново училиште.
5. Безбедност и Култура
- Пожарникари: Вработување на 30 нови пожарникари, нови униформи и набавка на 3 теренски возила.
- Култура: Буџетот е двојно зголемен (на околу 160 милиони денари) со цел да се спаси проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“.
„Време е скопјани да живеат подобро, време е градот да застане на нозе и да оди напред“, порача Ѓорѓиевски по гласањето.
